Тешко повреден ученик по пад од трет кат на училиште
Немил настан во Прилеп на почетокот на второто полугодие. Ученик од шесто одделение во прилепско училиште, од засега непознати причини, паднал од третиот кат и се здобил со тешки повреди-скршеници. Се лекува на Детската клиника во Скопје од каде за МТВ рекоа дека е во стабилна состојба и е надвор од животна опасност…
Тешко повреден единаесетгодишен ученик од шесто одделение во прилепското основно училиште „Гоце Делчев“. На првиот училиштен ден, детето паднало од највисокиот кат од училишната зграда. Се лекува на детската клиника во Скопје.
Моменталната состојба на детето е стабилна и е надвор од животна опасност. Има повреда на прешлените и скршеници на петиците на нозете, рече за МТВ директорот на клиниката, Лазар Јовчевски.
Немилиот настан се случил вчера во 14:35 часот, кога бил големиот одмор. Пет минути подоцна била повикана Итната помош. Поради повредите, ученикот бил префрлен на одделот за анестезија при прилепската болница, а потоа и на Детската клиника.
Полицијата направи увид и презема мерки за да се расчисти случајот. Од училиштето најавија дека ќе се огласат со известување за случајот.
Елизабета Митреска
