Најмалку 66 загинати во пожар во хотел во Турција
Најмалку 66 лица загинаа во пожар во хотел во турскиот ски-центар Болу, над 50 се повредени. Огнот избувнал во ресторанот на четвртиот кат, а сведоци велат дека алармниот противпожарен систем не се активирал …

Речиси 70 загинати и десетици повредени во стравотен пожар што зафати хотел во скијачкиот центар Карталкаја, во провинцијата Болу, северозападна Турција. Пожарот избувнал во ресторан, а пламените јазици брзо се прошириле на целата зграда. Сведоци велат дека алармниот противпожарен систем не се активирал.
„Го намирисавме чадот. Се спуштивме долу релативно брзо. Алармот не се вклучи. Веројатно беа во пламен два ката, се обидовме да одиме кат погоре, но не можевме. Пожарот многу брзо ги зафати и другите катови. Луѓето од горните катови врескаа.“
Во хотелот за време на пожарот престојувале 234 гости. Властите потврдија дека некои од жртвите починале откако скокнале од зградата во паника. Интервенцијата на службите била отежната поради локацијата на хотелот покрај карпа.
„Почната е административна и кривична истрага за причините за пожарот. Во овој контекст се назначени шест јавни обвинители и стручен одбор. Ќе бидат преземени и се преземаат сите потребни чекори да се расветлат сите аспекти на инцидентот и одговорните да се повикаат на одговорност“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Други хотели во одморалиштето беа евакуирани како мерка на претпазливост. Според извештаите, дизајнот на хотелот со 161 соба, чија фасада била обложена со дрво, најверојатно придонел за брзото ширење на пламенот.
Маријана Димовска
