Политика

Средба Димитриевски – Рокас

21.01.2025 18:13

Реформите во администрацијата и правосудството покажуваат дека Владата е на вистинскиот пат...

Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис  Рокас, а на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.

На средбата стана збор за  актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.

Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизираше веќе познатите ставови  на ЗНАМ во врска со уставните измени, односно нивната  одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ.

Димитриевски при тоа рече дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава. Тој потенцираше дека во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат.

Амбасадорот Рокас многу позитивно ја оцени работата на Владата. Тој, исто така, позитивно ги оцени и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ.

Рокас во разговорот со Димитриевски потенцираше дека напорите на Владата на Република Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот  се од особено значење и за поздравување. Тој рече дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности.

На средбата се разговараше и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски рече дека  од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од нашите  партнери во Европската Унија и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите, стои во соопштението.