Во Турција ден на жалост по трагичниот пожар во ски-центарот
Расте бројот на жртви во пожар во хотел во Турција. Во земјата, ден на жалост. Девет лица се приведени. Преживеаните сведочат за сериозни безбедносни пропусти, вклучувајќи нефункционални аларми и недостиг од противпожарни скалила…

Ден на жалост во Турција по смртоносниот пожар што избувна во хотел во популарниот ски-центар во Карталкаја. Магливото утро низ саѓите, остана немо да сведочи за ужасот во кој животот го загубија 76 луѓе.
Операциите за пребарување на објектот се завршени. Надлежните идентификуваа 52 тела, а меѓу десетиците повредени, еден е во тешка состојба. Истрагата продолжува, формиран е тим од пет експерти кои ќе ги утврдат точните причини за трагедијата.
„Досега телата на 45-мина починати им се вратени на семејствата, преостанатите не успеавме веднаш да ги идентификуваме. Во установата за судска медицина се вршат ДНК-анализи. Поради инцидентот по наредба на главното Обвинителство се приведени девет лица. За најмалку 10 дена ќе ја завршиме оваа истрага и ќе ги имаме одговорите на сите прашања, сè ќе биде разјаснето“, изјави турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја.
Сведоците и извештаите сугерираат дека противпожарниот систем не се активирал кога избувнал пожарот. Претседателот Ердоган изјави дека виновниците ќе одговараат пред законот.
„Морам да го кажам ова, еднаш засекогаш, оние кои на кој било начин предизвикаа таква трагедија, оние кои беа несовесни и виновни, ќе одговараат пред законот“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Во моментот на несреќата во хотелот имало 238 пријавени гости. Пожарот го зафатил ресторанот на четвртиот кат, а потоа брзо се проширил на објектот поради дрвената фасада.
Бојана Крстевски
