Расте бројот на жртви, девет лица приведени за пожарот во хотел во Турција
Расте бројот на жртви во пожарот во хотел во Турција. Во земјата, ден на жалост. Девет лица се приведени. Преживеаните сведочат за сериозни безбедносни пропусти, вклучувајќи нефункционални аларми и недостиг од противпожарни скалила. Најновите информации ги има Бојана Крстевски …

Ден на жалост во Турција по смртоносниот пожар што избувна во хотел во популарниот ски-центар во Карталкаја. Магливото утро низ саѓите остана немо да сведочи за ужасот во кој животот го загубија 76 луѓе. Операциите за пребарување на објектот се завршени. Надлежните идентификуваа 52 тела, а меѓу десетиците повредени, еден е во тешка состојба. Истрагата продолжува, формиран е тим од пет експерти кои ќе ги утврдат точните причини за трагедијата.
„Досега телата на 45-мина починати им се вратени на семејствата, преостанатите не успеавме веднаш да ги идентификуваме. Во установата за судска медицина се вршат ДНК-анализи. Поради инцидентот по наредба на главното обвинителство се приведени девет лица. За најмалку 10 дена ќе ја завршиме оваа истрага и ќе ги имаме одговорите на сите прашања, сè ќе биде разјаснето“, изјави Али Јерликаја, министер за внатрешни работи на Турција.
Сведоците и извештаите сугерираат дека противпожарниот систем не се активирал кога избувнал пожарот. 19-годишниот Барис Салгур, чувар од соседниот хотел раскажува за ужасот што го гледал.
„Децата врескаа викајќи „помош“. Мајките и татковците викаа „има деца, помогнете, гориме. Не можевме да направиме ништо, беше превисоко и да поставиме јажиња. Горе имаше човек кој држеше бебе. Му рековме да остане смирен, пожарникарите ги извлекоа, но за жал бебето почина од вдишување чад. Носевме кревети, луѓето скокаа, спасивме еден, двајца, но другите за жал, не. беше превисоко. Беше навистина лошо. Луѓето што преживеаја рекоа дека алармот не се вклучил“, изјави Барис Салгур, чувар во хотел во непосредна близина.
По владиниот состанок, претседателот Ердоган изјави дека виновниците ќе одговараат пред законот.
„Морам да го кажам ова еднаш засекогаш-оние кои на кој било начин предизвикаа таква трагедија, оние кои беа несовесни и виновни, ќе одговараат пред законот“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Во моментот на несреќата во хотелот имало 238 пријавени гости. Пожарот го зафатил ресторанот на четвртиот кат, а потоа брзо се проширил на објектот поради дрвената фасада.
Бојана Крстевски
