Бархман: Грција не е подготвена да разговара за името

31.07.2014 10:17

Ништо ново од посетата на Нимиц на Скопје и на Атина. Според моето искуство, по последната посета на Грција добив впечаток дека таа воопшто не е подготвена да го реши проблемот. Тие не размислуваат за тоа, изјави Бархман за Дојче Веле на македонски...

Грција воопшто не е подготвена да разговара, изјави за Дојче Веле на македонски јазик, германскиот социјалдемократ Ханс Јоаким Бархман. Пратеникот смета дека Атина ги игнорира барањата од европските земји, да се надмине разликата и Македонија да продолжи по европскиот пат.

Ништо ново од посетата на Нимиц на Скопје и на Атина. Според моето искуство, по последната посета на Грција добив впечаток дека таа воопшто не е подготвена да го реши проблемот. Тие не размислуваат за тоа, изјави Бархман за Дојче Веле на македонски.

„Многу би ме радувало доколку посетата на Нимиц на Скопје и Атина донесеше нешто ново. Но, моето искуство од разговорите кои ги имав во текот на престојот во Атина со претставници на Владата (посетата беше во март годинава, н.з.), е дека Грција воопшто не е подготвена да разговара и дека го игнорира она што го бараат европските земји - расправијата околу Македонија да заврши, со што земјата ќе може да го продолжи чекорењето по европскиот пат. Јас не видов никакво раздвижување во Грција“, е коментарот на социјалдемократот Бархман.

По последната посета на Нимиц на Скопје и Атина, запрашан до кога може да егзистираат ваквите „рутински“ посети, од кои Македонија нема голема добивка, Бархман одговара: - Не знам! Но, треба да се има предвид дека Нимиц веќе 20 години го има статусот на специјален ополномоштеник на ОН за решение на името, што е државен проблем. Тој работата ја започна во 1994-тата и според мене 20 години би требало да бидат доволни. Можеби навистина се труди, но главно е дека - нема напредок.

Канцеларката Ангела Меркел на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан во Дубровник, како и по традиционалната средба со акредитираните новинари во Берлин, кажа дека нејзините разговори околу името се доверливи, но подвлече дека „ќе дојде момент кога лично ќе се заложи“. Во врска со тоа, Бархман оценува дека Германија може многу да направи околу расчистување на патот на преговорите.