Прилеп

Ќе се утврдува дисциплинска одговорност за смртта на новороденчињата

22.01.2025 16:23

Познати се наодите од вонредниот инспекциски надзор на ДСЗИ на прилепската болница за случајот со починатите бебиња-близначиња. Инспекторатот ќе утврдува дисциплинска одговорност. Се бара стручен надзор врз работата на прилепската болница. А за случајот со повредениот ученик во Прилеп, Обвинителството чека полициски извештај...

Инспекторатот ќе утврдува дисциплинска одговорност кај здравствените работници во прилепската болница кои учествувале во лекувањето и исписот на двете новороденчиња-близначиња кои починаа на 16-ти јануари, едното во семејниот дом во селото Славеј, другото по неколку часа во болницата. Инспекторатот ќе издаде наредба за задолжително известување на Центарот за социјални работи во случај кога се спротивставени интересите на пациентот и на родителот-старателот како што е со бебињата. Ќе има и соодветна прекршочна постапка.

Министерот за труд и социјална политика вели дека превентивата е на Центрите за социјални работи во општините.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе бара стручен надзор врз работата на болницата. Од болницата навестуваат формирање внатрешна комисија која ќе го испита случајот.

Што се однесува до повредениот шестоодделенец по пад од највисокиот кат од прилепското основно училиште „Гоце Делчев“, Обвинителството чека полициски извештај за да се знае како ќе се постапува во овој немил настан на почетокот од второто полугодие.

 

Елизабета Митреска