Проблемот со недостигот на лекови на Онкологија ќе се надмине неделава, информира Клековски
Недостигот на лекови на Онкологија ќе се надмине неделава, најави директорот на Фондот за здравство Клековски. Вели дека проблемот не е финансиски, туку дека Буџетот не е соодветно планиран. Додава дека за подобро планирање на терапијата недостига регистар на пациенти.

Двата биолошки лека што недостигаат на Онкологија пациентите ќе ги добијат неделава преку донации. Другите четири ќе се набават преку измени на анекс на договорите со производителот – надлежните најдоа краткорочно решение на моменталната криза.
„Некои од пациентите се покриени со терапија според медицината базирана на докази, кај некои оваа терапија е само дополнение па постоечката. Повеќето од пациентите не се оставени без терапија“, изјави д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.
За да се стави крај на проблемите што се провлекуваат со години неопходен е регистар на болни од канцер. Така ќе се знае колку пациенти треба да примаат биолошка терапија. Од Фондот велат – не се проблем финансиите, туку Буџетот несоодветно се планирал.
„Да има јасни и транспарентни критериуми за доделување терапија бидејќи и во идеални случаи ќе нема сто посто покриеност на сите пациенти. Треба да биде јасна врската меѓу дијагнозата и терапијата и јасно следење на количините и нивното издавање, тоа е нашата потреба“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
Ќе има измени на критериумите за јавни набавки, бидејќи за биолошка терапија најчесто се јавува еден производител.
На Клиниката за онкологија недостигаат шест лека, а можно е за брзо време да снема уште неколку. Пациентите бараат надлежните да најдат решение, апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.
Андријана Ѓурческа
