Трамп ја бранува светската јавност, најави воведување царини за Кина и ЕУ
Новиот американски претседател ја бранува светската јавност. Трамп најави воведување царини за Кина и Европска унија. Пекинг и Брисел одговорија – ќе ги заштитиме нашите интереси.

Претседателот на САД, Трамп, најави царини за ЕУ и зголемување на увозните давачки од Кина за 10 насто од први февруари откако претходно се закани со царини од 25 насто за Канада и Мексико.
„Имаме дефицит од 350 милијарди долари со Европската Унија. Со нас се однесуваат многу, многу лошо и затоа ќе мора да се соочат со царини“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од ЕЦБ велат дека Брисел мора да биде подготвен за новите тарифи. Од ЕУ со став, ќе ги бранат интересите на блокот на пропорционален начин.
„Ќе ги браниме нашите легитимни интереси доколку тоа биде потребно“, изјави Олоф Гил, портпарол на Европска комисија.
Во Пекинг велат дека ќе ги штитат сопствените интереси, но и промовираат стабилен развој на односите Кина – САД.
„Секогаш веруваме дека нема победник во трговска или тарифна војна“, изјави Мао Нинг, портпаролка на МНР на Кина.
Канадскиот премиер вели дека се подготвени на сите сценарија. Мексиканската претседателка смирува, за договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада нема да се преговара до 2026 година.
„Нашиот фокус е да останеме смирени и силни и да реагираме на акциите на САД колку што е потребно“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.
„Важно е секогаш да се има ладна глава и да се држиме до потпишаните декрети, надвор од говорите“, изјави Клаудија Шеинбаум, претседателка на Мексико.
Од Белата куќа велат дека царините за Мексико и Канада имаат цел да ги притиснат двете држави да ја запрат илегалната миграција и трговијата со опасната дрога фентанил во САД.
Маријана Димовска
