Се решава проблемот со водоводот во Пршовце
Се решава проблемот со водоснабдувањето во село Пршовце, општина Теарце. Се заменува примарната водоводна мрежа која беше главната пречка за нормално водоснабдување. Од општината најавуваат ваков проект уште во две населени места...

Стабилно снабдување со чиста вода за пиење ќе се овозможи со обновата на примарната водоводна мрежа во тетовско Пршовце, населено место во рамки на општина Теарце.
Проектот се реализира како дел од план програмата на локалната самоуправа. Со него се решава проблемот кој долго време ги мачеше околу 3 илјади жители на Пршовце.
„Ова е инвестиција од компанијата „Хитро Соло Пауер“ од Италија во координација со локалната самоуправа за промена на цевките, бидејќи старите цевки веќе се амортизирани во должина од 2,5 километри и инвестиција од над 50 илјади евра“, изјави Исен Асани, градоначалник на општина Теарце.
Од месната заедница Пршовце, покај обновата на водоводната мрежа, бараат и изградба на пречистителна станица.
„Пршовце навистина ќе го реши проблемот со водата, но упатувам апел до министерствата за екологија и за економија да ни помогнат во изградбата и на една филтер – станица за водата да биде почиста. Ние ќе имаме вода која е чиста, но со филтер – станица нема да има никаков проблем“, смета Даут Шасивари, претседател на М.З. Пршовце.
Во план програмата на општина Теарце е и обнова на водоводната мрежа во населените места Глоѓи и Теарце.
Зоран Јованоски
