ЕУ бара стратегија за политиките на Трамп
Навршувањето на три години од војната во Украина ги зголеми дискусиите за поголема безбедност во Европа и поголеми инвестиции во одбраната. Расте поддршката на идејата на претседателот на САД, Трамп, земјите од НАТО да потрошат пет насто од БДП за одбрана, што е повеќе од сегашната цел од два проценти...

Навршувањето на три години од војната во Украина ги зголеми дискусиите за поголема безбедност во Европа и поголеми инвестиции во одбраната. Расте поддршката на идејата на претседателот на САД, Трамп, земјите од НАТО да потрошат пет насто од БДП за одбрана, што е повеќе од сегашната цел од два проценти.
„Неуспехот на Европа да инвестира во воени капацитети, исто така, испраќа опасен сигнал до агресорот. Претседателот на САД, Трамп, е во право кога вели дека не трошиме доволно. Време е за инвестирање“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Иднината на светот каков што го знаеме зависи од нашата способност да се браниме, без разлика кој сака да ни помогне и кој сака да ни наштети“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
Откако новиот шеф на Белата куќа најави царини за ЕУ од први февруари, францускиот претседател вели дека Европа мора да се стави себеси на прво место, да ги зголеми инвестициите во одбраната со цел да се намали зависноста од САД.
„Откако новата администрација во САД ја презеде функцијата, повеќе од кога и да е, Европејците, а со тоа и нашите две земји, треба да ја одиграат својата улога во консолидирање на обединета, силна и суверена Европа“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Вашингтон и Брисел се стратешки партнери, но новата администрација е предизвик, став на германскиот канцелар.
„Нашиот став е јасен. Европа е голема економска област со околу 450 милиони граѓани. Ние сме силни и стоиме заедно. Европа нема да се крие, туку ќе биде конструктивен и самоуверен партнер. На оваа основа, ќе работиме заедно со САД и со новиот американски претседател“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Руте, ја потврди потребата да се засили поддршката за Украина. Брисел најави нова финансиска помош од 35 милијарди евра. Американскиот претседател Трамп го повика рускиот колега Путин да стави крај на војната во Украина или да се соочи со нови санкции.
„Решете се сега и СТОП за оваа смешна војна. Ако не направиме „договор“ наскоро, немам друг избор освен да ставам високи даноци, тарифи и санкции за се што се продава од Русија во Соединетите Држави и други земји. Да ја завршиме оваа војна, која никогаш немаше да почне ако бев претседател!“, порача Трамп.
Од Москва со став, треба да се разгледа што конкретно вклучува „договорот“ што го предлага Трамп.
Маријана Димовска
