Европа

ЕУ ќе ја засилува одбраната

23.01.2025 17:27

Генералниот секретар на НАТО, Руте побара зголемена поддршка за Киев, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори во најдобра можна позиција. Навршувањето на три години од војната во Украина ги зголеми дискусиите за поголема безбедност во Европа и поголеми инвестиции во одбраната …

Расте вознемиреноста во Европа дека американскиот претседател Трамп би можел да се обиде брзо да ги заврши војната и преговорите со рускиот претседател Путин под услови кои се неповолни за Украина. Генералниот секретар на НАТО, Руте побара зголемена поддршка за Киев, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори во најдобра можна позиција.

„Војната се чини дека движи во погрешна насока. Мораме да ја промениме траекторијата на војната. Досега, линијата на фронтот се движи во погрешна насока – оди кон исток. Ние не може да дозволиме во 21 век една земја да нападне друга и да се обиде да ја колонизира. Доколку добиеме лош договор, тоа само би значело дека ќе го видиме претседателот на Русија да се дружи со лидерите од Северна Кореја, Иран и Кина“, изјава Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

Американскиот претседател Трамп со повик до рускиот колега Путин да стави крај на војната или да се соочи со нови санкции. Од Москва велат дека се подготвени за дијалог.

„Не гледаме никакви нови елементи овде. Во првиот мандат Трамп беше претседател кој најчесто користеше методи на санкции. Остануваме подготвени на рамноправен дијалог и заемно почитување“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Навршувањето на три години од војната во Украина ги зголеми дискусиите за поголема безбедност во Европа и поголеми инвестиции во одбраната. Расте поддршката на идејата на Трамп, земјите од НАТО да потрошат пет насто од БДП за одбрана.

„Неуспехот на Европа да инвестира во воени капацитети, исто така, испраќа опасен сигнал до агресорот. Претседателот на САД, Трамп е во право кога вели дека не трошиме доволно. Време е за инвестирање“, изјави Каја Калас – шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Иднината на светот каков што го знаеме зависи од нашата способност да се браниме, без разлика кој сака да ни помогне и кој сака да ни наштети“, изјави Доналд Туск – премиер на Полска.

Откако новиот шеф на Белата куќа најави царини за ЕУ од први февруари, францускиот претседател вели дека Европа мора да се стави себеси на прво место, да ги зголеми инвестициите во одбраната за да ја намали зависноста од САД. Вашингтон и Брисел се стратешки партнери, но новата администрација е предизвик, став на германскиот канцелар.

 

Маријана Димовска