Номинациите за „Оскар“ ќе бидат објавени денеска

23.01.2025 12:29

Според американските медиуми, главни фаворити за изминатава година би можеле да бидат филмовите „Емилија Перез“, „Конклава“ и „Бруталист“...

Американската Академија за филмски уметности и науки денеска во Лос Анџелес ќе ги објави филмовите номинирани за годинашните „Оскари“. Претстојното 97. доделување на престижните награди ќе се одржи вечерта на 2 март во „Долби театарот“ во Холивуд. По две одложувања поради пожарите коишто го опустошија Лос Анџелес, годинешните номинации ќе бидат објавени на интернет, соопшти Академијата.

Според правилата на Академијата, за еден филм да влезе во избор за главните номинации, тој мора да биде првпат прикажан во текот на претходната календарска година, од полноќ на 1 јануари до 31 декември во областа Лос Анџелес. Тоа правило не важи за странските филмови. Натаму, филмот мора да биде долгометражен, т.е. да трае најмалку 40 минути - освен ако не се натпреварува во категоријата за најдобар краток филм.

За филмовите гласаат сите членови на Академијата што, инаку, брои неколку илјади членови и е составена од личности од филмската индустрија. Во повеќето случаи, членовите гласаат за нивните категории, режисери за категоријата режија, глумците за глума, но во изборот за најдобар филм, сите членови се поканети да гласаат.

Водител на Оскарите годинава ќе биде комичарот и продуцент, Конан О'Брајан.