Македонија

Амбасадори: Мораме да го задржиме правецот кон ЕУ

23.01.2025 12:35

Македонија географски е дел од Европа и мора да биде дел од неа, сметаат од Советот на амбасадори. По кој пат ќе се движиме ќе зависи од предлозите и убедувањата на новата Влада.

Мораме да го задржиме правецот кон Европската унија, а секое приближување кон САД е добро. Во моментов Трамп е оптоварен со светските прашања, а не со одблокирање на нашата евроинтеграција, коментираат наши амбасадори.

„ЕУ останува на убедувањата. Ќе видиме како ќе заврши со предлозите што ги дава новата Влада. Меѓутоа, тоа не би требало многу да не загрижува, ние си ги следиме тие два пата“, изјави Ѓорѓи Филипов, амбасадор.

„Не верувам дека може да се случи нешто значајно. Трамп е оптоварен со светските прашања. Можеби за некоја година да размислуваме, но ја сум песимист во однос на ова прашање бидејќи Европската унија е цврсто решена да го истера до крај тоа што е потпишано, односно да дојде до смена на Уставот доколку сакаме да продолжиме со преговорите со ЕУ“, изјави Нано Ружин, амбасадор.

Албански дипломати сметаат дека можеме заедно да продолжиме по европскиот пат.

„Не гледам причина брзо да не продолжите и да не стигнете на патот кон ЕУ. Какво и да е одолжувањето, сигурен сум дека бугарската страна брзо ќе се спогоди“, изјави Генци Муцај, претседател на советот на амбасадори на Албанија.

И ЕУ треба да го следи примерот на САД за црните листи, вели амбасадорот Халили.

„Америка не само што треба да продолжи со тие „црни листи“, туку и Европската унија треба да го следи примерот на САД. Зошто тие луѓе кои се вовлечени во криминал и активности тука, тие инвестираат и ќе инвестираат во Европа. Ретко од нив одат во Америка оти има црна листа“, изјави Мухамед Халили, амбасадор.

Воведувањето даноци меѓу САД и ЕУ не треба да не погоди, но мора да бидеме внимателни и да не фаќаме страна, советуваат дипломатите.

САД и земјите членки на ЕУ ќе останат партнери, оти ги поврзува и членството во НАТО.

 

Ирина Гелевска