Мексико се подготвува за масовно враќање на населението
Претставничкиот дом на САД го одобри нацрт-законот за притворање мигранти обвинети за кражби и други злосторства. Мексико се подготвува за масовно враќање на населението, гради привремени засолништа. Граѓаните во неизвеснот, откако Трамп одлучи да ја откаже влезната апликација...

Не е Берлински ѕид, но овој меѓу Мескико и Америка за илјадници луѓе е симбол за убиените надежи за подобра иднина, за себе и за своите деца. 29- годишната Евелин Васкез е уништена откако не го остварила состанокот за барањето азил.
„Се чувствувам уништено, тажно. Но, да планирам да останам овде додека можеби има друга можност. Не знам како, но можеби ќе има“, вели Васкез.
Веќе е претесен просторот на границата Ел Пасо- Тексас за оние кои чекаат да влезат во земјата на соништата, ама и оние што ќе бидат депортирани. Пред налетот, мексиканските власти подигаат метални рамки за шаторски засолништа во Сиудад Хуарез.
„Кампот што се формира ќе биде исклучиво за депортирани Мексиканци. Странците депортирани преку овој граничен премин ќе бидат под надлежност на Националниот институт за миграција, кој најверојатно ќе ги однесе до Мексико Сити или до јужната граница“, изјави Енрике Серано, шеф на Државниот совет за население на Чивава.
Сстравува и свештеникот Хуан Фиеро, во чие засолниште има 180 луѓе.
„Многу е веројатно дека во наредните денови ќе видиме пристигнување на сонародници овде на границата. Малку сме. Како да кажам? Помогнете“, вели Хуан Фиеро.
Мексиканката Кармен со своите деца чека да влезе во САД, вели бега од Мексико заради криминалот што се случува за да си ги заштитат животите.
„Стигнаа во куќата заканувајќи ни се со пиштоли и со се. На ќерка ми и кажаа дека децата ќе бидат следни. Истиот ден таа замина. добри луѓе СМЕ кои сакаат само мирен живот. Не сме тука да правиме зло. Тоа не се нашите намери“, изјави Кармен, мексиканска имигрантка.
Претставничкиот дом на САД го одобри нацрт- законот со кој се бара притворање на мигранти обвинети за кражби и насилни злосторства. Нацртот е дел од плановите на Трамп за сузбивање на илегалната миграција.
„Претседателот Трамп испраќа многу силна порака до луѓето во светот, ако размислувате да ги прекршите законите на Соединетите Американски Држави, ќе бидете вратени дома. Ќе бидете уапсени. Ќе ве гонат“, изјави Каролин Левит, портпаролка на Белата куќа.
Се очекува активните сили да им се придружат на околу 2.500 членови на националната гарда и резервните сили на САД кои се веќе распоредени.
Фиљана Кока
