Култура

Почина доајенот на македонското сликарство и филмски работник Коле Манев

23.01.2025 14:31

Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ...

По кусо боледување вчера во Скопје почина доајенот на македонското сликарство Коле Манев. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Бутел утре (24 јануари) од 14.30 до 15.30 часот, а погребот ќе биде во 15.30 часот, информираат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Коле Манев беше роден во 1941 година во с. Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година и сите куќи се уништени, а останата е единствено црквата. Децата од селото, како и многу други деца од Егејска Македонија, се принудени да го напуштат своето родно место. Коле Манев, заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати.

Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм „Тулгеш“. Коле Манев во Романија останува осум години. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Македонија, во Скопје, каде што повторно се среќава со семејството, со мајката и двете сестри, а токму тие трогателни средби во кои родителите по многу години се среќаваат со своите деца ќе бидат подоцна извонредно опишани во неговиот документарен филм „Тулгеш“. Во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера.

Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ. Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство.

Коле Манев реализира и обемна книжевна и публицистичка дејност. Повеќе од дваесет години редовно објавуваше колумни во македонските дневни и неделни списанија и весници, во кои ги коментираше актуелните настани од аспект на интелектуалец од стар ков, загрижен за случувањата во својата земја. Овие негови колумни редовно беа придружени со цртеж што ја обработуваше темата на колумната.

Со неговото заминување од животната сцена, македонската култура останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник.