Бројот на онколошки пациенти ќе се зголемува бидејќи скринингот не функционира во пракса, велат од Онкологија
Онколошките пациенти чекаат клиниката да им ја обезбеди биолошката терапија. Министерот Таравари вели дека расте бројот на пациенти, а со тоа и потребата на лекови. Политичките партии со меѓусебни обвинувања за настанатата ситуација …

Клиниката за онкологија може да обезбеди регистар на болни од канцер – неопходен на Фондот за здравство за планирање на буџетот за биолошка терапија. Но, тој ќе биде нефункционален, додека не се обезбеди оддел за континуирано ажурирање на податоците. Стручниот колегиум на клиниката посочува дека ако во пракса немаме функционални скрининг програми и во иднина бројот на пациенти со рак ќе се зголемува.
„Додека нема скрининг програми што се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната – метастатска болест само ќе се зголемува, следната година се очекува поголем број на пациенти. Исто така, стручниот колегиум на УКРО е на мислење дека регистарот за рак ќе остане нефункционален додека не се обезбеди адекватен кадар – оддел, за континуирано ажурирање на податоците“, велат од УКРО.
Стручниот колегиум на клиниката смета дека постарите лекови треба да се стават на позитивната листа, бидејќи преку условен буџет сè уште се набавува неиновативна терапија, стара 20 години.
Проблемот со недостигот на лекови, министерот за здравство Таравари го посочува во постојаниот пораст на болни од канцер. Се надева дека идната недела, терапијата ќе биде достапна за пациентите.
„Се работи за зголемена побарувачка за биолошка терапија, не дека имаме помалку биолошка терапија периодов, имаме дури и повеќе отколку минатите години, меѓутоа побарувачката е многу поголема. Тоа што расте бројот на карциноми, малигни заболувања, тоа веќе не е вина на министерството или на Владата. Јас се надевам дека идната недела ќе има повторно биолошка терапија“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
И од Фондот за здравство уверуваат дека проблемот со недостигот на биолошка терапија ќе се надмине, дел од лековите ќе се набават преку донации, останатите преку соодветна постапка.
Андријана Ѓурческа
