Расте дипломатскиот притисок за ставање крај на војната во Украина
Војна на дронови меѓу Русија и Украина. Продолжија нападите, расте и дипломатскиот притисок што поскоро да се стави крај на крвавиот конфликт. Американскиот претседател тврди дека Зеленски е подготвен за договор. Трамп порача дека е подготвен веднаш да се сретне со Путин...

Украина изврши масовни напади врз 13 региони во Русија. Меѓу целите била и руската престолнина-соопшти Москва, тврди дека собориле над 120 дронови. Украина, пак, јавува за жртви во напад на руско беспилотно летало врз зграда во околината на Киев. Руските трупи напредуваат во правец на Доњецк. На украинската војска и е потребно оружје, новопристигнатите хаубици на фронтот не се доволни-велат од одбраната.
„Со оваа хаубица може да достигнеме цели до кои не можевме да стигнеме порано. Доколку има повеќе од овие оружја, тогаш ќе можеме да се бориме поефикасно и да уништиме поголем дел од нивната артилериска опрема“, изјави командант во Азовската бригада.
Американскиот претседател Трамп изјави дека сака веднаш да се сретне со неговиот руски колега Путин за ставање крај на конфликтот. Тврди дека Зеленски е подготвен за договор.
„Мислам дека Русија треба да сака да постигне договор. Од она што го слушам, Путин би сакал да ме види и ќе се сретнеме веднаш штом можеме. Зеленски е подготвен да преговара. Би сакал ова да престане. Тој е некој што изгубил многу војници“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Шефот на Белата куќа најави дека ќе побара од Саудиска Арабија и ОПЕК да ги намалат цените на нафтата што според него, ќе доведе војната веднаш да заврши. Упати критики до неговиот претходник Бајден дека дозволил таа воопшти и да почне, тврдејќи дека неговата енергетска политика го направила Путин побогат. Нафтата е еден од најважните клучеви за мирот и безбедноста-оцени Украина. Тврди дека тој може да дојде и преку сила, но најважно е да се притисне Москва.
„Мирот преку сила е можен, ние сме апсолутно сигурни во ова. Главната работа е да не се забави и да се изврши притисок врз Русија. Тие се единствени што ја сакаат оваа војна, што продолжуваат со агресијата и окупацијата. Се разбира, енергетските ресурси и конкретно нафтата се еден од најважните клучеви за мирот, за вистинската безбедност“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Во истовреме, Унгарија бара од ЕУ да изврши притисок врз Украина да го обнови транзитот на руски гас кон Европа. Враќањето на Трамп во Белата куќа и можниот брз договор за војната под неповолни услови за Киев, отвори дискусии во Европа за поголема безбедност и поголеми инвестиции во одбраната.
Бојана Крстевски
