Здравство

КЗБ: Пикот на грипот се очекува во втората недела на февруари

24.01.2025 12:13

Пикот на грипот се очекува во втората недела на февруари, дотогаш ќе растат и бројките на заразени – информира Комисијата за заразни болести. Сезонава се регистрирани околу 3.800 случаи. Засега не се размислува за воведување мерки, но лекарите советуваат да се вакцинираат децата до четири години...

Расте бројот на заболени од грип во Македонија. Надлежните велат, засега нема потреба од дополнителни мерки, но остануваат на сила постојните препораки од Комисијата за заразни болести.

Воведувањето дополнителни мерки зависи од параметрите кои ги добиваме од Институтот за јавно здравје и најкритичните места каде што има хоспитализирани пациенти, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

Со консумирање на свежо овошје, зеленчук и витамини, граѓаните со кои поразговаравме се штитат од оваа вирусна инфекција.

За една недела, забележани се 1.500 нови случаи на грип или за 30 тина проценти повеќе од минатата недела. Најголем број на заболени има во Кавадарци и Куманово. Пикот на вирусот се очекува да биде во средината на февруари.

 

Марија Котовска