Уапсени припадници на терористичка ќелија, имале намера да извршат напади на јавни објекти
Во голема полициска акција во Скопје и Гостивар, уапсени четворица припадници на терористичка ќелија, кои планирале напади на цели во Македонија. Одземено е оружје, осомничените се договарале да изработуваат и експлозиви…

Во координирана акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Агенцијата за национална безбедност и МВР вчера се уапсени четворица македонски државјани, припадници на терористичка организација поврзана со ИСИС.
На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси на дом и други простории каде биле откриени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема.
Првоприведениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм за регрутација на нови членови, споделување пропаганден материјал и се обидел да набави огнено оружје. Според истрагата која почнала лани во декември откриено дека основачот на терористичката ќелија поврзана со ИСИС успеал да набави инструкции како да направи импровизирани експлозивни направи за извршување терористички напади врз цивили и јавни објекти во Македонија со цел да се прошири несигурност и страв меѓу граѓаните. Останатите членови на терористичката организација биле дел од Телеграм групите каде споделувале преведени материјали преземени од официјалните медиуми користени од ИСИС.
Обвинителството за организиран криминал и корупција поднело до Кривичниот суд Скопје барање за притвор за четирите уапсени лица. Судијата го прифатил и за сите приведени е одреден притвор во траење од 30 дена.
Ирина Гелевска
