Македонија

Уапсени припадници на терористичка ќелија

24.01.2025 16:01

Во голема акција во Скопје и Гостивар уапсени четворица припадници на терористичка ќелија. Планирале напади на јавни објекти…

Во координирана акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Агенцијата за национална безбедност и МВР уапсени се четворица припадници на терористичка организација поврзана со ИСИС.

На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси на дом и други простории каде што биле откриени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема.

Првоприведениот основач на терористичката ќелија формирал групи на социјалната мрежа „Телеграм“ за регрутирање нови членови, споделување пропаганден материјал, набавка на огнено оружје и инструкции за правење импровизирани експлозивни направи.

„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Ќелијата дејствувала во позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

По барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, судија од Кривичниот суд-Скопје им изрече притвор на уапсените.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција потврдија дека сите четворица уапсени од терористичката организација се македонски државјани.

Ирина Гелевска