Здравство

„Ќе чекаме и ќе умираме“- продолжува неизвесноста за болните од карцином

24.01.2025 15:50

60 пациенти чекаат за биолошка терапија на Онкологија. За нив, секој ден е важен. Додека се надмине проблемот, обвинувања кој е виновен за настанатата криза – власта или веледрогеријата што врши снабдување со лековите …

Продолжува неизвесноста за болните од карцином. Шеесетина пациенти се оставени без потребната биолошка терапија, останатите примаат алтернативна. Додека надлежните уверуваат дека проблемот ќе се надмине до крајот месецов – пациентите велат, секој ден е важен.

„Вчера бев, нема таблети од тие што ги пијам, други ми дадоа, катастрофа. Ќе чекаме и ќе умираме.“

„Еве чекаме синот треба да добие терапија, докторот вика почекајте, еве уште чекаме.“

„Многу тешко, страшно, но ќе добијат сигурно. Мојата терапија ја има, ја примам. Но греота се докторите, многу има гужва“-велат пациентите кои ги анкетиравме.

Времето тече, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања. СДСМ ги повика надлежните итно да преземат мерки за обезбедување на терапијата.

„Ги повикуваме директорите на клиниката, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и министерот Таравари да си поднесат оставки и со тоа да покажат одговорност“, изјави Белкиса Зеќири од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека станува збор за вештачка криза, креирана од веледрогерија блиска до ексминистерот Филипче. Оттаму бараат Јавното обвинителство да отвори предмет.

„Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година. Венко Филипче јавно да излезе и да каже дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата која ја прави и дали тој стои зад истата. ЈО веднаш да постапи и отвори случај, а истовремено да каже до каде е со истрагите од случајот Диво месо“, изјави Миле Лефков од ВМРО – ДПМНЕ.

Веледрогеријата „Д-р Пановски“ негира дека се тие одговорни за кризата. Оттаму сметаат дека зад обвинувањата на власта се кријат бизнис-интереси за да се наместат нови доставувачи на лекови.

„Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД „Д-р Пановски“ ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа, наводно, го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапијаЛефков да се информира колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија“, велат од веледрогеријата „Д-р Пановски.“

На Клиниката за онкологија веќе една недела нема биолошка терапија. Надлежните уверуваат дека проблемот ќе се надмине до крајот на месецот. Дел од лековите ќе се набават преку донации, останатите преку соодветна постапка.

Андријана Ѓурчевска