Прилеп

Во најскоро време да се ангажира социјален работник, препорача Комисијата за интерна контрола во прилепската болница

24.01.2025 15:25

Комисијата констатира дека за време на болничкиот престој новороденчињата, родени пред време и со мала тежина, биле третирани согласно со принципите на медицината. Мајката со потпис го прекинала болничкиот третман, на свое барање...

Во најскоро време, потребно е да се ангажира социјален работник, кој ќе го засили тимот и ќе придонесе за подобрување на севкупното функционирање на болницата, констатираше, меѓу другото комисијата за интерна контрола при прилепската болница за работата на здравствените работници во случајот со двете новороденчиња-близначиња кои починаа на 16-ти јануари, едното во семејниот дом во Славеј, другото неколку часа во болницата.

Комисијата констатира дека за време на болничкиот престој новороденчињата, родени пред време и со мала тежина, биле третирани согласно со принципите на медицината. Мајката со потпис го прекинала болничкиот третман, на свое барање.

Од болницата велат, веќе три години нема социјален работник, иако местото е предвидено со систематизацијата. До 31-ви декември имало владина забрана за вработувања, а сега го чекале планот за вработување од Министерството за администрација.

Неодамна Државниот санитарен и здравствен инспекторат најави постапка за дисциплинска одговорност за исписот на новороденчињата и зашто не бил информиран Центарот за социјални работи, а од министерот за здравство ќе бара стручен надзор на работењето на болницата.