Белград

Македонска државјанка протерана од Србија

24.01.2025 16:53

Македонска државјанка е меѓу 13-те луѓе протерани од Србија. Станува збор за извршната директорка на Здружението „Солем,“ Искра Росо. Таа вели дека не и кажале зошто треба да го напушти северниот сосед. Нашето МНР бара објаснување од Белград.

Искра Росо, македонска државјанка била протерана од Србија заедно со уште 12 други лица од 9 држави, поради проценка дека претставуваат „безбедносен ризик“ за Србија. Добила и едногодишна забрана за влез кај северниот сосед. Росо е извршна директорка на здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“ и е единствената македонска државјанка која учествувала на едукација во организација на австриската фондација „Ерсте штифтунг“.

По враќањето во хотелот каде што бев сместена, бев задржана од страна на полицијата и заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознав дека ми е издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци. Не добив објаснување за задржувањето“, изјави Искра Росо за МИА.

Нашето МНР изрази загриженост и ќе бара објаснување од официјален Белград.

„Искрено очекуваме дека овој случај ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни, како и во интерес на задржување на континуитетот во градењето на пријателските и добрососедски односи помеѓу двете земји.“, стои во соопштението од МНР.

Освен Македонската, меѓу протераните се и државјани на Хрватска, Словенија, Словачка, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка. И МНР на овие земји реагираа до Белград.

 

 

Наташа Јанчиќ-Менковски