Генерален штрајк во Србија со протести и блокади
Генерален штрајк, блокади, протести во Белград и другите градови во Србија. Вучиќ во Јагодина на митинг со поддржувачите за создавање на ново народно движење …

На генерален штрајк денеска повикаа студентите и средношколците што се во повеќемесечни блокади и штрајк поради трагедијата во Нови Сад и транспарентноста поврзана со оваа трагедија, криминалот и корупцијата. На генералниот штрајк се одзваа уште од понеделникот просветните работници, поголемиот дел од гиманазите се во блокада и штрајк, како и факултетите. Можевме да видиме дека голем број продавници не работат, во штрајк се културните работници, актерите, театрите не работат, голем број на фирми.
„Ги поддржувам студентите за да се промени власта и деструкцијата во која живееме. На студентите им се приклучивме ние граѓаните, знам да штрајкуваат разни приватни фирми, поштата, видов дека не работат доста кафулиња, малите стопанственици“, изјави анкетиран.
„Ние го поддржуваме штрајкот и на него ќе се приклучат сите кои сакаат промени“, изјави друг.
Десетици илјади граѓани, студенти, работници, во колони движејќи се ги блокираа улиците, имаше блокада пред Владата, на Славија, пред РТС, упатувајќи се преку Бранковиот мост кон Ушќе, каде се споија со колоната граѓани и студенти од Земун и Нови Белград. Белград е целосно блокиран, штрајк и блокади има и во Ниш, Нови Сад и другите градови, а опозицијата го блокираше и автопатот Е-75.
Во Нов Белград се случи инцидент кога непознат возач со автомобил прегази студентка, кога со своето возило влета во толпа граѓани. Девојчето е тешко повредено, свесно е и префрлено во Ургентниот центар. Полицијата го приведе возачот на автомобилот.
Паралелно денес во Јагодина поддржувачите на претседателот Александар Вучиќ и на СНС се упатуваат на еден голем натпартиски митинг, на кој ќе почне да се формира натпартиско движење.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
