Грип

Расте бројот на заболени од грип во Куманово

26.01.2025 14:04

Зголемен е бројот на заболени лица од грип и респираторни инфекции во Куманово. Но сè уште не е достигнат пикот. Истиот се очекува во февруари.

Раст на бројот на заболени од грип и респираторни заболувања, евидентира кумановскиот Центар за јавно здравје. Пикот се очекува да биде во февруари, бидејќи веќе започна и второто полугодие. Засега има пријавено над 180 заболени лица. Најголем дел од нив се на возраст од 15 до 64 години. Покрај грипот, регистрирани се и други респираторни инфекции.

„Симптомите се слични како на грипот, но и од оној „Алерт“ системот кој го бележиме. Од „Алерт“ системот за разлика од минатата недела кога имаше 544 пријавени, сега има 2.400 лица пријавени со акутни респираторни инфекции“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во ЦЈЗ Куманово.

Здравствените работници укажуваат дека вирусите се пренесуваат преку кашлање, кивање, директен контакт со контаминирани површини.

Превенцијата велат лекарите освен проветрување на простории, намалување на дистанца и мирување, е и одржување хигиена и секако здрава исхрана.

Инкубацијата е од еден до седум дена, а заболувањето трае од три до осум дена. Најчести компликации пак се воспаленија на белите дробови, кај децата на увото, а најсериозна е вирусна пневмонија кај хронично болните.

Во Куманово лани биле регистрирани 1.068 заболени од грип. Досега пак се дадени 4.196 вакцини.

 

Елена Георгиевска