Аерозагадување

Енормно аерозагадување во Охридскиот регион, виновна депонијата Буково

25.01.2025 13:32

Енормно аерозагадување во Охридскиот регион. Во ноќните часови мерните станици секојдневно се во црвена зона. Екологистите загрижени, велат потребни се итни мерки. Главен виновник ја посочуваат депонијата Буково.

Синоќа мерните станици во Охрид измерија рекордни 470 мг ПМ 10 честички на м3. Преку ден има релативно чист воздух, но од 18 часот се вклучува алармот за енормно загадување на воздухот. Градот опкружен со планини и езеро стана еден од најзагадените во земјава.

Екологистите загрижени, велат потребни се итни мерки за аерозагадувањето во Охридскиот регион, главен виновник ја посочуваат депонијата Буково, која чади и во зима.

„Сега во овој момент да има политичка волја може да се преземат итни мерки за намалување на аерозагадувањето. Постојат краткорочни мерки и мерки за кои требаше да размислуваме од пред децении. Буково е голем проблем ние постојано постираме слики дека чади ете и на минусни температури, масата долу е полна со запаливи материи и тој гас самиот се пали“, вели Драгана Карашова, активист од групацијата „Збогум Буково“.

Жителите на селата во близина на депонијата Буково се жалат, велат покрај честите белодробни заболувања, нивните земјоделски производи се контаминирани.

„Верувајте дека сите луѓе во селото се разболени од белите дробови. Ланската година се што произведовме се исфрливме се беше контаминирано никој ништо не употреби. Стави го производот во вода излегуваше црна вода тоа е од чадот“, раскажуваат жители на Крушје.

„Треба итно да се преземат мерки да се санира тоа да се престани со горење и фрлање ѓубре. Да се бара соодветна локација за да се носи ѓубрето“, вели друг жител на Крушје.

„30 години се расправаме. Значи овие последниве 30 години стотици писма сме пуштиле и се е џабе“, вели жител на Крушје.

Активистите велат потребни се итни мерки за аерозагадувањето и депонијата Буково. Ветување е дека до 2027 година ќе биде изградена стандардната депонија во Новаци, која конечно ќе го реши проблемот со дивите депонии во регионот.

Соња Рилковска