Имунизација

Мал интерес за имунизација со ХПВ вакцина во Куманово

25.01.2025 11:00

Незадоволителен е интересот за примање на ХПВ вакцината во Куманово. Опфатот се движи од 50 до 60 отсто. Уште помал е процентот за имунизација со вакцината против морбили.

Мал интерес за имунизација со ХПВ вакцината кај децата во Куманово. Од здравствениот дом информираат дека опфатот се движи од 50 до 60 отсто. Податоците покажуваат дека во одредени средини интересот е поголем. Но во други, централни училишта, е значајно понизок.

„Владее мислење дека после примената вакцина против ХПВ доаѓа до стерилитет. Тоа воопшто не е точно, вистината е поинаква, почестите ХПВ инфекции можат да доведат до стерилитет, отколку кога сме заштитени и кога нешто имаме треба да го искористиме максимално за да чуваме здрава популација, да имаме помалку болести и за да имаме поголем наталитет“, истакна д-р Валентина Богоевска Димитриевска, Здравствен дом Куманово.

Вакцината против ХПВ е задолжителна и се спроведува во основните училишта, во седмо одделение. Лани од мај се имунизираат и момчињата, бидејќи тие можат да ја пренесат инфекцијата. ХПВ вакцината обезбедува заштита од инфекции, предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии.

Од Здравствениот дом информираат дека мал е и интересот за вакцината против морбили. Опфатот е само 30-ина отсто.

Лекарите апелираат родителите да бидат совесни и навреме да ги имунизираат дечињата, бидејќи компликациите може да бидат големи.

 

Елена Георгиевска