Охрид

Поддршка на талентираните ученици за развој на државата

26.01.2025 12:44

Доколку се вложува во развојот на талентираните ученици тие во секој поглед можат да се носат со своите врсници во Европа.Тоа низ натпреварите на дело годиниве наназад го покажуваат учениците од Општинскиот електромашински училиштен центар „Свети Наум Охридски“ од Охрид. Но, тоа не е доволно сметаат професорите, бидејќи по завршувањето на образованието тие мора да бидат носечка сила во македонската економија.

За талентираните ученици од техничките струки не треба да има никакви ограничувања кога станува збор за унапредувањето на нивните знаења. Вложувањето во нив, особено од висококвалификуван наставен кадар и техничката поддршка секогаш даваат резултати. За тоа, потврда се освоените први места на меѓународни натпревари, со што се зголемува нивната мотивираност.

„Ова е голем успех и голема мотивација на ваков натпревар да се земе прво место. Ова ме мотивира понатаму уште повеќе награди да освојуваме“, вели Кристијан Толески, ученик.

„Самиот овој проект е како почеток на мојата иднина, нема ниту да е прв, ниту последен проект што ќе го направам. Тоа што и факултет што ќе продолжам да учам“.

„Имаме позитивни показатели каде што ученици наши во дуалното образование, од нивните работодавачи се преземени и им се овозможени понатаму да продолжат да студираат, да се усовршуваат и да останат во државава“, изјави Владо Јанкуловски, професор.

Неспорно е дека имаме талентирани деца, меѓутоа останува проблемот како тие да се задржат во македонските компании по завршувањето на образованието. Особено тоа се однесува на државните фирми.

„Години наназад гледаме дека системот на давање шанса на овие кадри е да не кажам дефектен. Системот на вработување во државните фирми би требало да е ист како во приватните, затоа што приватниот нема ни внук, ни син, било кој друг“, изјави Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“- Охрид.

Само на тој начин како што вели Недески при вработувањето приоритет ќе добијат висококвалификуваните кадри, кои нема да заминуваат во странство и ќе придонесат за развојот на државата.

 

Сашо Нелоски