Хамас ослободи четири израелски заложнички, меѓу нив и Наама Леви
Израел и Хамас го продолжија спроведувањето на договорот за прекин на огнот. Четири заложнички беа предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во замена за палестински затвореници. Меѓу ослободените е и Наама Леви, 19-годишна девојка со македонско потекло. Сите четири заложнички беа киднапирани на 7-ми октомври 2023 година од набљудувачка база во близина на границата со Појасот Газа.

По 15 месеци минати во заробеништво, Хамас ослободи четири израелски заложнички, женски војници. Четирите девојки Карина Ариев, Даниела Гилбоа, Лири Алба и Наама Леви – 19-годишната девојка со македонско, потекло беа предадени на меѓународниот Црвен крст во Газа. Со аплауз и солзи радосници веста за ослободување на заложничките беше примена во домовите во Израел и на плоштадот во Тел Авив.
„Тие се во сигурни раце, тие се на пат дома. Го чекавме овој момент, народот на Израел го чекаше овој момент. Тие им се придружија на силите на одбраната на Израел и Шин Бет во Појасот Газа и сега се упатуваат кон приемниот комплекс во Реим за да се сретнат со нивните родители“, изјави Даниел Хагари, портпарол на одбраната на Израел.
Непосредно пред размената, Хамас објави список од 200 палестински затвореници кои Израел ќе ги ослободи. Групата исто така најави дека 70 од 200 палестински затвореници што Израел ќе ги ослободи денеска ќе бидат депортирани надвор од Газа и Западниот Брег.
„Ние сме за договорот. Секоја цена вреди за да ги вратиме сите и веднаш“, вели жител на Тел Авив.
„Ние доаѓаме на плоштадот многу недели од 7-ми октомври, секоја сабота. Дојдовме да ги поддржиме заложниците што се враќаат и да им покажеме поддршка на оние што се уште се таму“, рече жител на Тел Авив.
Ова е втора размена откако стапи на сила кревкиот прекин на огнот минатиот викенд, со што борбите во Газа беа запрени на најмалку шест недели, во кои десетици израелски заложници и стотици палестински затвореници ќе бидат ослободени додека пристигнува повеќе помош во енклавата. Во меѓувреме израелската армија соопшти дека останува распоредена во јужен Либан, додека ги одржува условите од договорот за прекин на огнот.Белата куќа бара итно продолжување на примирјето во Либан, изразувајќи задоволство што израелската армија почнала да се повлекува од централните либански региони.
Маријана Димовска
