Продолжуваат борбите на украинскиот фронт
Путин вели дека е отворен за разговори со американскиот колега Трамп, но прашањето за Украина е комплицирано. Зеленски обвинува за манипулации. На фронтот жестоки битки и напади со дронови.

Борбите на украинскиот фронт продолжуваат. Руските сили напредуваат во населени места во регионот Доњецк. Не запираат и меѓусебните напади со дронови. На удар и Киев, оштетени станбени згради.
„Ѕидовите се недопрени. Најмногу настрада еден влез, но мислам дека штом го добиеме стручното мислење, сè ќе вратиме за најмногу еден месец. Фала му на Бога, сите се живи“, изјави жител на Киев.
Рускиот претседател Путин вели дека е отворен за разговори со американскиот колега Трамп, за економијата и енергијата, но прашањето за преговори со Украина е комплицирано по одлуката на Киев во 2022 година да ги исклучи преговорите со Москва.
„Ние постојано ја изразуваме нашата подготвеност да се вклучиме во дискусии за ситуацијата во Украина, и сакам да ја повторам нашата подготвеност да ги продолжиме овие преговори“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Украинскиот претседател Зеленски го обвини Путин за манипулација со волјата на американскиот претседател.
„Конкретно, тој сака да манипулира со желбата на претседателот на Соединетите Американски Држави за постигнување мир. Уверен сум дека нема повеќе да успеат руските манипулации“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефот на Белата Куќа одново повтори дека војната во Украина мора да престане. Во меѓувреме САД ги замрзнаа речиси сите програми за меѓународна помош поради ревизија, објавија американските медиуми.
Маријана Димовска
