Скопје

Изгоре автобус на ЈСП во Сопиште, патниците успеале да го напуштат возилото

25.01.2025 16:31

Во скопско Сопиште се запали автобус на ЈСП во движење. Нема повредени, патниците успеале да го напуштат возилото. Лекарска помош добило само едно лице кое вдишало чад. Инцидентот се случил во близина на приватни куќи. По увидот се чекаат причините за пожарот.

Возачот на автобусот е хоспитализиран поради вдишување чад и е во стабилна состојба. Очевидците вознемирени објаснуваат автобусот се запалил во движење, целосно изгорел за само неколку минути. Немилиот настан се случувал пред куќата на Анета Стојчевска.

Во гаснењето учествувале осум пожарникари со две противпожарни возила. Според првичните информации, пожарот избил од моторот. Најверојатно станува збор за застарена електрична инсталација на возилото старо 15 години, за МТВ вели директорот на ЈСП, Кошовски.

Ова не е прв инцидент на оваа линија. Пред неколку недели, автобусот задимил на пат кон Добри Дол превезувајќи ученици, појаснува 12-годишниот Петар.

По направениот увид од МВР, причините за несреќата допрва ќе се утврдуваат.

 

Александра Велинова