Промовирани новите потпоручници во АРМ
Со дипломата и офицерскиот чин ќе бидат распоредени на работа или во војската и во Министерството за одбрана...

43 нови потпоручници доби македонската армија. Воената академија ги промовираше питомците од 14-тата класа и двајца од родот авијација. Со дипломата и офицерскиот чин ќе бидат распоредени на работа или во војската и во Министерството за одбрана.
„Водејќи се од интересите на нашата земја во изминатите години, дејствуваме како дефакто земја- членка на НАТО. Токму поради тоа, ваша обврска како идни лидери е достојно да ја претставувате Армијата на Република Макеоднија како и Армијата на Црна Гора, дома во НАТО и секаде каде што ќе ви се укаже прилика“, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Воената академија прерасна во Регионален центар за обука кој образува според високите стандарди на НАТО. Покрај македонските, овде се школуваат и кадетите од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска и Косово.
„Питомци, потпоручници, успеавме конечно да ја добиеме првата офицерска ѕвезда. Сега сме офицери- она за што од секогаш сме сонувале. Денес нашиот сон станува јаве и сите се упатуваме на нашата прва офицерска должност“, рече офицерот Ненад Дубљевиќ.
Работата во армијата се почесто е предизвик и за жените. Десет од нив свечено ги фрлија капите во воздух, традиција на дипломирањето.
„Подготвени сме за нашата прва командирска должнсот. Во иднина, ве уверувам дека сите успешно ќе се сносиме со предизвиците кои ги носи нашиот позив“, вели офицерот Елеонора Науновска.
Се планира во иднина на Академијата во Скопје да се организира и целосна настава на англиски јазик, службениот јазик на Алијансата.
Анита Димитријевска
