Македонија

Граѓаните се соочуваат со постпразнична депресија

26.01.2025 13:36

По завршувањето на празничната еуфорија и следува еден мирен период кога граѓаните се враќаат на секојдневните обврски, и се соочуваат со таканаречената постпразнична депресија. Прекумерните прослави и дружења кој на некој начин се наметнати од современиот начин на живот и потрошувачкото општество, физички, емотивно, но и финансиски ги исцрпуваат граѓаните. Враќајќи се кон секојдневните обврски, оставајќи го тој празничен дух зад себе-граѓаните се соочуваат со пост-празнична депресија...

Јануари месец на празници, дружења, прослави кои го исполнуваат нашето секојдневие. Период кога граѓаните, се изложуваат на многубројни трошоци, обидувајќи се да го почувствуваат тој празничен дух, по кој следува еден период кога треба да се вратат на секојдневието, а веќе се физички, емотивно и финансиски исцрпени па се соочуваат со постпразнична депресија.

Намалено расположение, немање мотивација, недостаток на енергија се дел од симптомите на постпразничната депресија. Најдобар начин за да се надмине оваа состојба е да се свртиме кон себеси и да ги преиспитаме нашите реални цели и можности, но и да продолжиме со нашите социјални интеракции и дружења.

Големо влијание за пост-празничната депресија имаат и социјалните медиуми, каде најчесто се споделуваат фотографии од богати трпези, патувања и прослави, кои за голем дел од граѓаните се недостапни. Притоа создаваат една искривена слика за нашите можности и влијаат врз психичката состојба на оние кои не можат да си го дозволат тоа.

 

Александра Максимовска