Здравство

Недостига кадар во Специјалната болница за нефрологија во Струга

26.01.2025 12:28

Во Специјалната болница за нефрологија Струга недостигаат лекари, медицински и административен персонал. Итно се потребни општи лекари, уролози и анестезиолози, но и решавање на статусот на вработените со договор на дело.

Во Специјалната болница за нефрологија Струга недостигаат околу 25 лекари, медицински сестри, болничари и хигиеничари. Недостиг има и од готвачи, административни работници и шофери. Итно се потребни општи лекари, уролози и анестезиолози. Болницата има само еден специјалист-физијатар, но нема инфектолог, па поради тоа се затвори службата.

На специјализација се 12 лекари, уролог, анестезиолог, рендгенолог, интернисти и нефролози.

„Имаме дефицит на лекари, медицински сестри, болничари, хигиеничари. Моментално бројот на вработени е 226, но имаме ветување дека набргу со реализација на проектот за вработување во сите медицински установи овој недостаток ќе го надополниме“, изјави Јетмир Зиба, директор на Специјалната болница за нефрологија.

Дел од проблемот е решавањето на статусот на вработените со договор на дело, претежно технички персонал, медицински сестри, биохемичари, лаборанти, физијатри, хигиеничари, но дел се и лекари.

„Со договор на дело во моментот имаме 25 вработени, кои чекаат решение за работа најмногу две години. Министерството за здравство ги помина последните состаноци за прилагодување на статусот на овие вработени“, додаде Јетмир Зиба, директор на Завод за нефрологија-Струга.

Бројот на пациенти кои имаат потреба од хемодијализа е во пораст, само лани се изведени 16.000 хемодијализи, а од основањето на болницата над еден милион.

 

Соња Рилковска