Тензично на границата Израел-Либан
Тензии и неизвесност на Блискиот Исток. Три лица загинаа, а неколкумина се повредени на границата во јужен Либан во обид да се вратат дома. Истекува крајниот рок од првата фаза на примирјето меѓу Израел и Хезболах, за што Белата куќа претходно соопшти дека е потребно кратко, привремено продолжување. Обвинувања за прекршување на договорот за прекин на огнот и меѓу Израел и Хамас.

Продолжуваат тензиите во и околу Јужен Либан на крајниот рок од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах. Регистрирани жртви и десетици повредени во обид да се вратат во домовите во пограничните села откако израелската војска им нареди на раселените Либанци да стојат настрана од границата.
„Израелските одбранбени сили сè уште се распоредени на различни позиции низ јужен Либан во согласност со договорот за прекин на огнот. Ве молиме да останете трпеливи и да не дозволите Хезболах да се врати и да ве експлоатира“, изјави Авичај Адрае, портпарол на Израелската одбрана.
„Досега не добивме никакви информации, но се надеваме дека сите власти и израелската одбрана ќе се држат до договорот“, изјави Мајор Динеш Бандари, офицер во баталјон на УНИФИЛ.
Белата куќа претходно соопшти дека итно е потребно кратко, привремено продолжување на примирјето од 60 дена постигнато на 27-ми ноември. Израел наводно побарал дополнителни 30 дена тврдејќи дека либанската војска се распоредува премногу бавно низ регионот, давајќи му предност на Хезболах да се прегрупира.
„Сите ние, луѓето од овие села, ќе ја браниме нашата земја, бидејќи таа е наше наследство и на нашите деца. Ние сакаме да живееме во нашата земја“, вели жител на село во јужен Либан.
И Израел и Хамас се обвинуваат за прекршување на договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, Египет и Катар. Тел Авив очекуваше вчера со групата од четири жени – војници меѓу кои и Наама Леви, 19-годишна девојка со македонско потекло, да бидат ослободени и цивили. Хамас пак, обвинува за забраната од Израел цивилите од Газа да се вратат дома на северот.
„Хамас не ги исполни своите обврски прво да ги ослободи израелските цивилни заложници како дел од договорот. Ние сме решени да ги вратиме Арбел Јехуд, како и Шири Бибас и нејзините две деца, Кфир и Ариел, за чија состојба сме крајно загрижени“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Трамп, изјави дека би сакал Јордан, Египет и други арапски земји да прифатат што поголем број палестински бегалци од Појасот Газа.
Маријана Димовска
