Густата магла во Скопската Котлина предизвик за авиосообраќајот
Откажани и одложени летови, пренасочени авиони. Густата магла го поремети авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром-Скопје. Метрополата под димна завеса, аерозагадување екстремно.

Авиосообраќајот во текот на денот беше нормализиран, но поради густата магла во утринските часови и во текот на ноќта 10 лета беа пренасочени кон соседните аеродроми, 4 беа откажани.
Поради густата магла којашто се спушти во Скопската Котлина во изминатите 24 часа дел од летовите беа пренасочувани кон другите аеродроми во Приштина и Софија, додека дел беа откажани.
Беа откажани два лета од Истанбул, како и еден од Загреб и Венеција. Маглата освен на оние што патуваа, проблем им предизвика и на скопјани, кога се спои со аерозагадувањето. Граѓаните чист воздух побараа на Водно.
Додека се чекаат конкретни мерки од надлежните за намалување на аерозагадувањето, податоците на Светска банка покажуваат дека годишно 2.800 граѓани умираат како последица на загаден воздух. Аерозагадувањето причина за предвремени раѓања, алармираат лекарите, а секое 7-мо бебе ќе има проблеми со долнореспираторниот систем поради зголемено ниво на ПМ-честичките во воздухот.
Наташа Јанчиќ-Менковски
