Блиски Исток

Продолжен рокот за повлекување на израелските трупи од Либан

27.01.2025 10:08

Израел и Хезболах се договорија да го продолжат рокот за израелските трупи од Либан. Во меѓувреме, Хамас и палестинскиот претседател Абас ги отфрлија идеите на Трамп за раселување на Палестинците вон териториите на Газа...

Израел и Хезболах се согласија да го продолжат рокот за повлекување на израелските трупи од Либан до 18-ти февруари, откако Тел Авив побара повеќе време за да се осигури дека либанската армија целосно ќе се распредели на јужната граница, соопштија од Белата куќа.

„Договорот меѓу Либан и Израел кој го надгледуваат Соединетите Американски Држави ќе продолжи до 18 февруари 2025 година. Владите на Либан, на Израел и на Соединетите држави, исто така, ќе почнат преговори за враќање на либанските затвореници заробени по 7 октомври 2023 година“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Раселените израелски жители од пограничните кибуци размислуваат да се вратат и останат во своите огништа.

„Примирјето е кревко, штетата е огромна, но надежта последна умира. Мора да имам надеж, во спротивно како би останала овде, да направам се што можам за ова место да процвета“, изјави Орна Вајнберг, жителка на кибуц Манара.

Во истовреме, Тел Авив ги укина ограничувањата за преминување на Палестинците кон северот во Газа откако Хамас се согласи да ослободи уште шест заложници. Тројца од нив, меѓу кои е и заложничката што Израел ја бараше во последната размена викендов, ќе бидат ослободени в четврток, а преостанатите во сабота.

„Паралелно Израел го доби списокот со статусот на сите заложници што треба да бидат разменети во првата фаза од договорот“, објавија од канцеларијата на премиерот Нетанјаху.

Додека илјадници Палестинци почнаа да се враќаат во тешко погодениот и разурнат север од Газа, американскиот претседател Трамп со предлог до Јордан и Египет, бара да прифатат поголем број бегалци.

„Би сакал и Јордан и Египет да прифатат повеќе луѓе. Нешто мора да се направи. Газа е буквално разурнато место, луѓето умираат. Повеќе би сакал да се вклучам со некои од арапските нации и да изградам станови на друга локација, каде што за промена можеби ќе живеат во мир“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Хамас и палестинскиот претседател Абас ги отфрлија идеите на Трамп за раселување на Палестинците вон териториите на Газа.

 

Бојана Крстевски