Палевски побара изземање на обвинителката, судењето одложено за 3-ти февруари
Во Кривичниот суд во Скопје – ново рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, прво откако сведокот Гоце Трајковски сам се пријави во полиција за друго дело. Траеше експресно кратко…

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.
Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3-ти февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски се произнесе по наводите во барањето за изземање.
Обвинителството, пред денешното рочиште најави дека ќе продолжи со изведување на материјални докази, и по завршување со тоа ќе биде испитан сведокот Гоце Трајковски.
Трајковски, кој е предложен како сведок во овој случај, а осомничен за друго тешко кривично дело – подметнување пожар, на 23 јануари 2025 сам се пријавил во полициска станица и ќе биде сослушан на следното рочиште.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
