Отворена истрага за саботажа на подморски кабел во Балтичко Море
Шведското обвинителство отвори истрага за саботажа откако викендов беше откриено оштетување на подморски кабел во Балтичко Море. Овојпат станува збор за телекомуникациска врска со Латвија. Детектиран и сомнителен брод …

Нов инцидент со софистицираната кабелска опрема во Балтичко Море. Овојпат е прекинат водот на латвискиот јавен медиумски сервис што предизвика прекин на преносот на информациите. По инцидентот, шведските власти задржаа руски брод од таканаречената флота во сенка, бродови без јасна сопственост. Претходно се забележани две пловила во областа на оштетувањето. Поведена е истрага за саботажа.
„Безбедносната служба отвори прелиминарна истрага, ова е во нејзина надлежност. Знаеме дека има закани за руски саботажи против Шведска, но и за други земји. Мора да откриеме кој е одговорен за овие инциденти“, изјави Гунар Стромер-министер за правда на Шведска.
Премиерката Евика силина потврди дека Латвија работи на случајот заедно со Шведска и НАТО. Можниот напад врз поморската инфраструктура на членките на НАТО и на Европската унија се случи само еден месец откако Алијансата ја почна мисијата „Балтик сентри“ за заштита на комуникациските кабли и гасоводи.
„НАТО почна со патроли, со фрегати, патролира со авиони, користи дронови. Овој авион собира информации, ги проверува сите бродови во морето. Опремен е со високотехнолошка опрема за да се утврди можна саботажа“, вели Џон Лестер-новинар на Асошиејтед прес.
Според НАТО, повеќе од 95 насто од интернет сообраќајот на балтикот е обезбеден со подморските кабли. На дното на морето лежи инфраструктура долга 1,3 милиони километри кои дневно гарантираат финансиски трансакции во вредност од 10 трилиони долари.
Зоран Богатинов
