онкологија

Таравари: Проблемот со биолошката терапија ќе биде решен до крајот на неделава

27.01.2025 15:51

Неделава ќе се разреши кризата со недостигот од биолошка терапија на Онкологија. Таблетарната ќе се подига и надвор од Клиниката, се зголемува и условниот буџет.

До крајот на неделата биолошката терапија што ја примаат околу 300 пациенти болни од карцином ќе биде доставена на Клиниката за онкологија – уверуваат надлежните. 10-тина дена недостигаат шест лека – зголемениот број на болни од карцином довел до овој дефицит – вели министерот за здравство.

„Досега сме имале дури и повеќе биолошка терапија отколку минатите години. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми. Веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Се прави план биолошката терапија да може да се ординира во онколошките центри во внатрешноста и во болницата „8 Септември“, а дел од таблетарната терапија да биде на позитивната листа за може да се подига надвор од Онкологија. Со децентрализација на терапијата, со побрза дијагностика и со регистар на пациенти, од Фондот за здравство велат состојбата ќе се стабилизира.

„Тоа значи доекипирање на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на пет-скен, забрзување на постапките. Она што ќе го направиме во терапевтскиот дел е зголемување на основниот буџет за речиси 40-50 проценти, тоа треба да биде одобрено оваа недела“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.

Со зголемениот буџет на Онкологија – од Фондот велат некои од лековите што недостигаат ќе бидат зголемени за два пати.

Стотици болни од канцер повеќе денови се без неопходната биолошка терапија. Алармираа дека недостигаат шест лека, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште неколку.

 

Андријана Ѓурческа