двојно убиство

Ново судско рочиште за убиството на Вања и Панче, Палевски побара изземање на Обвинителството

27.01.2025 16:11

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побара изземање на скопското Обвинителство. Тврди дека не провериле дали Видевски има пиштол. Обвинителката ги отфрли наводите...

Одложено рочиштето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо побара изземање на обвинителката Жаклина Крстевска – Јосифовска и на останатите обвинители, бидејќи според него тие прикривале клучни докази. Тој како пример наведе пиштол кој го поседувал обвинетиот Боре Видевски, кој одговарал на калибарот со кој е извршено двојното убиство и на чаура, пронајдена на местото на убиството.

„Приложено е вештачење на телефон, базни станици и докази од вашата обвинителка. Сите овие докази се изготвени по наредба на надлежната јавна обвинителка Јосифовска, која ги знаела доказите без да ги вештачи телефоните на сведокот. Криење на оружје 421 истражен ден, нерасчистување на таа важна околност дали обвинетиот или обвинетите поседуваат оружје е најсериозно кривично дело што еден јавен обвинител може да го направи“, изјави Палевски.

Меѓу доказите се најдоа и списи од изјавите на обвинетите кои ги имало само Јавното обвинителство.

Обвинителството ги има обезбедено сите докази, тврдењата на Палевски се неосновани тврди обвинителката Крстевска Јосифовска. Според неа очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите, судењето се приближува кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметниот настан.

Обвинителството ќе истражува како во рацете на Палевски завршиле списите од изјавите на обвинетите.

 

Викторија Милевска