Гимназиски професори реагираат за новата концепција за гимназиско образование
Со отстранувањето на филозофијата во македонското образование не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла, туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови, велат гимназиските професори...

Да не дозволиме генерации кои иако присутни, ќе изгледаат како отсутни, реагираат професори на концептот за гимназиско образование. Оттаму испратија отворено писмо со кое, како што велат, радикално и категорично ја отфрлаат понудената концепција за гимназиско образование во која се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки. Според нив, оваа концепција нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење.
„Анализите покажуваат дека во сите европски земји се инсистира на филозофско образование. Со отстранувањето на филозофијата во македонското образование не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла, туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови“, велат гимназиските професори.
Министерката за образование, Јаневска, уверува дека не се исклучени ни филозофија ни логика, вели ова е првична верзија што е поставена на јавна расправа.
Министерството за образование и наука и бирото за развој на образованието ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.
Нацртот е веќе достапен на официјалната веб-страница на бирото за развој на образованието. Коментари може да се испратат најдоцна до 31.1. 2025 година.
Ана Јосифовска
