СИРИЈА

Министрите на ЕУ постигнаа договор за ублажување на санкциите кон Сирија

28.01.2025 08:47

Членките почнаа да го преиспитуваат својот пристап кон Дамаск откако во декември беше соборен претседателот Башар Ал-Асад...

Министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија за ублажување на санкциите кон Сирија. Членките почнаа да го преиспитуваат својот пристап кон Дамаск откако во декември беше соборен претседателот Башар Ал-Асад.

„Во моментов имаме политичка одлука. Го имаме патоказот. Имаме пристап, чекор по чекор, така што ако видиме дека нештата одат во вистинската насока, ние сме подготвени да ги олесниме санкциите. Она што морам да го кажам е дека ова е политички договор. Има и технички проблеми кои треба да се решат. Но, се надевам, бидејќи постои политичка волја, дека овие прашања ќе се надминат“, Каја Калас, шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Брисел се обидува да помогне во закрепнувањето на Сирија. Сепак, многу членки, исто така, истакнаа дека ЕУ треба постепено да ги укинува санкциите со цел да се задржи влијанието врз новите власти во Дамаск да ги почитуваат темелните човекови и правата на малцинствата, како и да спроведуваат инклузивни политики.