Економија

На владина седница се очекува да помине договорот за парите од унгарскиот заем наменети за компаниите

28.01.2025 11:08

Откако ќе помине договорот на Влада, ќе треба да се потпише договор со банките и со тоа практично парите стануваат оперативни за бизнис- секторот.

На владина седница денеска се очекува да помине договорот за средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Од Владата очекуваат целата процедура да заврши до крајот на месецов. Откако ќе помине договорот на Влада, ќе треба да се потпише договор со банките и со тоа практично парите стануваат оперативни за бизнис- секторот.

Компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е 10 милиони евра. Фирмите ќе ги добијат парите со каматна стапка од 1,95 проценти, грејс период од три години и 12 години рок на отплата.

„Денес очекувам Владата да донесе одлука на домашните компании да се стават на располагање 250 милиони евра евтини кредити, по супер евтина каматна стапка од 1.95 што претставува историски највисока поддршка за домашните компании. Ова значи посилна економија, нови инвестиции, нови работни места“- објави денеска премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.

Парите првично требаше да бидат оперативни до крајот на минатата година, но процесот се одоговлечи, а причината за тоа, според надлежните, е проширувањето на опфатот на компании кои може да аплицираат за добивање на средства од унгарскиот заем. Практично, сега освен за нови производствени капацитети и нова опрема, средства од унгарскиот заем ќе може да бидат доделени и за обновливи извори на енергија, како и за објекти кои компаниите ќе се користат како административни згради.

Од унгарскиот заем, 250 милиони евра се наменети за компаниите. Договорот за кредитот од вкупно 500 милиони евра, во име на Владата, беше потпишан на 8-ми октомври во Будимпешта од страна на министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска со унгарската Експорт-импорт банка.