Над 300 илјади Палестинци се вратија на северот од Газа
На северот од Газа се вратија 300 илјади Палестинци. Јордан ја одби идејата на американскиот претседател Трамп, населението од Газа да биде преселено. Хамас потврди дека до крајот неделава ќе ослободи уште шест израелски заложници. Разговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот треба да почнат идната недела.

Првата фаза од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас се спроведува. Над 300 илјади раселени Палестинци се вратија на северот на Појасот Газа. За израелските жители од пограничните области, безбедноста и натаму е голема грижа.
„Сакаме вистинска безбедност, а во исто време ги сакаме и сите наши браќа назад“.
„Голема грешка е да се вратиме сега откако 300, 400 војници беа убиени при окупацијата на овој појас“.
„Нека се вратат дома безбедно и нека водат нормален живот. Го сакаме истото и од двете страни на границата“.
Властите во Јордан одново ја отфрлија идејата за преселување на Палестинците по коментарите на американскиот претседател Трамп, Аман и Каиро да го примат бездомното население од Газа. Идејата е неприфатлива и за ООН.
„Ги нагласуваме длабоките стратешки односи меѓу Јордан и САД. Палестинскиот народ не треба да биде подложен на форма на раселување. Палестинците остануваат на својата земја, тоа е дел од националната безбедност на Јордан“, изјави Мохамед Момани, портпарол на владата на Јордан.
Преговорите за втората фаза од договорот треба да почнат идната недела. Хамас потврди дека до крајот на неделава ќе ослободи уште шест израелски заложници од договорените 33, меѓу кои е и Арбел Јехуд, која Израел ја бараше да биде пуштена со претходната размена.
„Списокот од Хамас се совпаѓа со израелското разузнавање. Затоа можам да споделам дека 25 од нашите заложници се живи, а 8 се убиени од Хамас“, изјави Дејвид Менсер, портпарол на израелската Влада.
Во меѓувреме, ЕУ објави дека повторно ја почнува мисијата за следење на граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет.
„Палестинците се враќаат во северна Газа и прекинот на огнот е кревок, но се одржува. И ние ја поддржуваме неговата имплементација, вклучително и прераспоредувањето на нашата цивилна мисија во Рафах за надзор“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Од Хезболах велат дека не прифаќаат никакво оправдување за продолжување на рокот за повлекување на израелските војници од јужен Либан. Милитантна група тврди дека Израел го прекршил примирјето 1.350 пати. Од друга страна, Белата куќа објави дека договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел ќе продолжи да важи до 18-ти февруари.
Маријана Димовска
