Србија

Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка, владата влегува во технички мандат

28.01.2025 12:44

Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка, владата влегува во технички мандат. Вучевиќ останува на функцијата сè додека не се избере нов премиер. Оставка и на градоначалникот на Нови Сад…

На вонредна прес-конференција свикана по студентските протести на Автокоманда во Белград, синоќешниот повик за дијалог од претседателот Вучиќ и по инцидентот во Нови Сад кога пред просториите на СНС тешко е повредена една студентка, премиерот на Србија Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка.

„Моја неотповиклива одлука е да поднесам оставка на местото претседател на Владата на РСрбија. Имав разговор со претседателот на републиката, и тој ја прифати мојата одлука. Со ова покажуваме одговорност на оние кои се избрани да имаат одговорност, сето ова да не ни се прелие на улици, на кавги меѓу граѓаните и поделби, туку политичарите да прифатат одговорност и да се вратат на дијалогот и да се смират тензиите“, изјави Вучевиќ.

Тој истакна дека трагедијата во Нови Сад оставила последици, сериозни поделби меѓу граѓаните и атмосфера на работ на конфликти, загрозување на образовниот процес, што севкупно, како што посочи е „замислено од странство“.

Тој посочи дека денес, како „објективни одговорни“, покрај него оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ со што се исполнуваат политичките барања на најекстремните протестанти, како пат за мир и намалување на тензиите.

Од овој момент до изборот на нов премиер ќе бидам во технички мандат, како и целата влада и кабинетот на премиерот, кажа Вучевиќ и додаде дека „од овој момент целата влада е во оставка“.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ