ДЗР

ДЗР: Неповолно мислење за работата на ПИОМ

28.01.2025 12:53

Наплатените придонеси од плата на Фондот на ПИОМ и во 2023 година не биле доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии – извршената ревизија за овој период покажува дека ПИОМ необјективно ги прикажал финансиската состојба, трансакциите и усогласеноста. Според извештајот на ДЗР финансиската поддршка за социјално ранливите категории се исплаќала по распишување на изборите, што законски не е дозволено.

Една третина од буџетот за исплата на пензии и социјална помош, на секој 1,7 вработен по еден пензионер. Државниот ревизор со неповолно мислење за финансиското работење на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Извршената ревизија за 2023-та покажува дека ПИОМ необјективно ги прикажал финансиската состојба, трансакциите и усогласеноста.

„На сметката за уплата и распределба на придонеси, на крајот на секоја година остануваат парични средства за кои дел се неидентификувани уплати на придонес и за истите не се создадени можности да се користат за исплата на пензии; склучен е договор за закуп на деловен простор на 20 години без спроведена соодветна постапка; слабости во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки; слабости во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот“, стои во извештајот од ДЗР.

Ревизорот забележал и на незаконско именување директор, вработени кои работеле во нехигиенски услови, предметите кои се чувале во несоодветни услови, па постоела можност за нивно оштетување и кражба. Во Фондот недостига и стручен кадар, за некои кои биле ангажирани на дело немало евиденција дека доаѓале на работа.

„Не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски“, стои во извештајот од државниот ревизор.

Ревизорите укажуваат дека се исплаќала финансиската поддршка за социјално ранливите категории по распишување на изборите, што законски не е дозволено.

 

Викторија Милевска