Аерозагадување

Енормно загадување на воздухот на брегот на Охридското Езеро

28.01.2025 16:47

Мерните станици во Охрид секојдневно во црвена зона. Вклучен алармот за енормно загадување на брегот на Охридското Езеро. Во пораст е бројот на пациенти со респираторни и белодробни заболувања...

Енормно загадување на воздухот на брегот на Охридското Езеро. Концентрацијата на ПМ 10 честичките преку ден 29 мг на м3, но синоќа бројките беа десеткратно повисоки. Секоја вечер од 18 часот се вклучува алармот. Еколозите велат последниве години во регионот пораст е бројот на пациенти со респираторни белодробни заболувања. Според некои проценки стотина луѓе годишно во Охрид го губат животот токму поради загадувањето на воздухот. Граѓаните велат, трпат здравствени последици.

„Се чувствува загаденост, чад, лоша миризба“, вели еден граѓанин.

„Потребни се мерки, Охрид заслужува да биде чист“, укажа друг.

„Се чувствува мирис на чад, смета на дишните патишта“, дополни трет.

Главните причини за лошиот квалитет на воздухот се претераната урбанизација, намалувањето на зелената инфраструктура и енергетската сиромаштија. Според еколозите големо влијание има депонијата Буково која постојано се спалува и канцероген чад се спушта во градот.

„Влијание има и масовната урбанизација последниве две децении којашто придонесе да се создава ефектот на лавиринт, односно загадениот воздух да не може да се проветри од градот, па имаме големи концентрации на ПМ10 честичките кои некои денови достигнуваат и до 300 микрограми на метар кубен што е повеќе пати од дозволеното ниво од 50 микрограми на метар кубен“, вели Ѓоко Зороски, екологист.

Општина Охрид има план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, предвидени се голем број краткорочни мерки, но решението е гасификација, проект кој засега не е ниту во почетна фаза.

 

Соња Рилковска