Енергетика

Со 36,6 милиони евра ревитализирани хидроелектраните во Македонија

31.07.2014 16:56

Заврши комплетната ревитализација на хидроелектраните во сопственост на АД „Електрани на Македонија“. Инвестицијата вредна 36,6 милони евра беше заокружена со пуштањето во употреба на модернизираната хидроелекрана Вруток...

Продолжување на животниот век на хидроелектраните за 30 години, зголемување на нивната сигурност, доверливот и производството на електрична енергија. Ова се придобивките од нивната ревитализација која започна во февруари минатата година со инвестиција од 36,6 милиони евра.

„Ние секако продолжуваме со изградба на нови објекти, но истовремено ќе направиме се за постојните капацитети да ги одржуваме во солидна кондиција, не само за сега туку и за идните генерации“, рече Дејан Бошковски – Генерален директор на АД „ЕЛЕМ“.

Министерот за економија Беким Незири, кој ги пушти во употреба четирите ревитализирани агрегати на ХЕЦ Вруток, најави поддршка за ваквите проекти. 

„Се со една цел – подобрување во снабдувањето со електрична енергија, било во овој дел или било каде во земјава“, рече Беким Незири – Министер за економија.

Од финансиските средства за овој проект 27,1 милион евра се обезбедени преку заем од германската KFW Банка, а останатите 9,5 милиони евра се сопствени средства од АД „Електрани на Македонија“.

„Сакаме да допринесеме во еколошкото производство на електрична енергија генерално во западен Балкан, сакаме да допринесеме во подобрување на животните услови за Македонија. Многу сме среќни што овде најдовме одлични партнери со кои имаме иста цел“, изјави Ешер Гравенкотер – Претставник на KFW Банка.

Модернизираната хидроелектрана Вруток е најголемиот хидроенергетски објект во земјава.

Зоран Јовановски